Желимир Жилник: Од маргини до дистопија

Музеј на современата уметност

Понеделник, 10. февруари, 2020, почеток во 19ч.

Гостувањето на култниот режисер Желимир Жилник во Музејот на современата уметност ќе биде проследено со прикажувње на два филма од неговата богата филмографија: краткиот филм „Ние сме пионери мали, никнуваме секој ден ко’ зелена трева“ и долгометражниот филм „Убави жени минуваат низ градот“.

По овој повод, предвиден е разговор на Жилник со присутната публика, која ќе може одблизу да го запознае режисерот.

Изборот на филмови и концептуалната организација на настанот е на Артан Садику, кој и ќе го води разговорот со Жилник.

Тематската рамка за изборот на овие два филма наречена „Од маргини до дистопија“ ја потврдува уште еднаш релевантноста на делата на Жилник за денешницата, во која сведочиме глобален раст на нееднаквоста и која отфрла се поголем број луѓе на маргините од општеството, а истовремено и приближување кон реализацијата на дистописките сценарија за човештвото, поради еколошката и политичка деградација, кои раѓаат носталгија по добрите минати изгубени времиња.

Филмот „Ние сме пионери мали, никнуваме секој ден ко’ зелена трева“ (1968, 18 мин.) говори за социјално запоставени деца кои сами се грижат за себе, одлучуваат да крадат и да го прекршат законот. Тие се расправаат со нивните родители, кои ниту ги разбираат, ниту пак имаат чувства кон нив…

Филмот „Убави жени минуваат низ градот“, (1986, 100 мин) говори за Белград во 2041, кој е напушен и руиниран град покриен во ѓубре. Неколку стари луѓе живеат таму: поранешен новинар со неговата ќерка, поранешен политичар со неговата жена и поранешен полицаец, кој работи како чувар на конвикт во кој живеат осум девојки. Старците ги растат девојките според традициите на поранешните југословенски нации, што е доста ризично бидејќи Јужна Европа е опустошена од банда, која забранува какво било сеќавање на минатото…

Желимир Жилник (1942) е еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери од просторите на поранешна Југославија. Неговите играни и документарни филмови од самиот почеток се фокусираат на современи тематики, вклучувајќи социјално и економско преиспитување на секојдневниот живот. За филмот „Рани Радови“ (1969), Жилник доби Златна Мечка на Берлинскиот Филмски Фестивал и три награди во Пула.