Ексклузивно: ОПА торби во МСУ

Музејот на современата уметност и колективот ОПА – Опсесивно посесивна агресија во заедничка акција

Од денеска, изборот на памучни торби со моќна еко – порака се достапни за посетителите во книжарницата на музејот во лимитиран број.  

МСУ и ОПА имаат за цел да ја подигнат еко свеста кај своите сограѓани. Секој оној посетител на музејот, кој по симболична цена ќе купи една ваква торба се придружува кон борбата против користењето пластика за еднократна употреба.

Делото „Се грижам затоа што се грижиш“ беше дел од изложбата „Panic room (Соба за паника) или: скок во мислењето“, минатата година, курирана од Љиљана Неделковска, а во организација на Музејот на современата уметност во Скопје.

Проектот „Се грижам затоа што се грижиш“ претставува повик за заедничка акција. Повик, едно дело да излезе од просториите на музејот и да го продолжи својот живот надвор.

Повик  – изјавата „Се обврзав пред МСУ и ОПА дека ќе се борам против користењето на пластика за еднократна употреба“ стане нечие секојдневие.

Делото се состои од десет варијанти на мултипликати – памучни торби со отпечатен текст: „Брат за брат – сирење без ќеса!“, Ај не треси ќесиња!“, „Не ми давај ќесе, ќе дишеме у пи-ем!“, Секое земено ќесе на душа го носам!“, „Брат, ај не заќесувај!“, Sид sидосан, воздух ќесосан!“, Ѓаволот ни копа ни ора, туку најлонски ќеси штанца!“, Кој на друг ќеса му дава, сам во ќеса ќе падне!“, Пеер, не драпај ќесиња!“, „Аптекарското ќесе ќе нè сотре!“.

Во овој проект, ОПА тргнува од убедувањето дека уметноста, покрај моќта да поттикнува естетски доживувања, претставува и моќна алатка во формирање на јавното мислење. Една од најургентните теми на денешницата е и потребата за заеднички придонес и влог во справувањето со еколошката катастрофа.     

„Се грижам затоа што се грижиш“ декларација:

Опсесивно посесивна агресија – ОПА и МСУ гарантираат дека оваа торба е:

100% уметничко дело,

99,9% памучна,

100% македонски производ,

99,9% еколошки производ,

100% за во музеи, школо, факс, книжари, маркети, пазари, кванташки, шопинг молови, автобуси и за на улица.

ОПА и МСУ гарантираат дека: Ако сретнеш некој/а со иста или слична торба во музеј, школо, факс, книжара, маркет, пазар, кванташки, шопинг мол, автобус или на улица, веројатноста е 78% дека ќе ти стане најдобра другарка, другар, дечко или девојка.