Дарко Алексовски (р. 1989, Македонија) e визуелен и изведувачки уметник, и графички дизајнер. “Јас работам на пресекот помеѓу референци на текст, сликарство и архитектура, со помош на секогаш растечка архива од семејни документи и искуства за создавање автономни уметнички дела.”

Филип Велковски (р. 1988 во Скопје). Во 2010 година дипломира на Факултетот за Ликовна Уметност (ФЛУ) во Скопје. Тој е еден од основачите на алтернативниот културен центар КУЛА. Како медиум за ликовен израз го користи сликарството, кое за него претставува област во која може да го истражува процесот на креативната трансформација и креација на делото. Фигурацијата е застапена во речиси сите негови дела во форма на митски суштества.

Марко Јанев (р. 1988 во Скопје) Во 2011 година дипломира на ФЛУ во Скопје – отсек сликарство со насока графички дизајн. Од 2013 до 2015 член е на културниот центар „Кула“. Моментално работи како фриленсер илустратор и свири тапани во електро-панк бендот К.Н.Н.Т. “Разумната и искусна борба се состои во тоа што треба да се отсечат и прогонат од себе сите традиционални, религиозни, општествени и фамилијарни вредности.“

 Димче Димески (р. 1988 во Скопје) Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, Скопје, катедра по вајарство, во класата на проф. Беди Ибрахим, во 2011 година. Oсновач и член на уметничка група „ЅЕЕ“ од 2012 година, презентирајќи и репрезентирајќи повеќе проекти со групата.

Иван Дургутовски (р. 1988 во Ресен) Графички дизајнер и визуелен уметник. Своите ставови и критики најчесто ги пренесува во форма на фотографски автопортрети, кои се визуелно „гласни” и експлицитни, бидејќи смета дека уметникот мора да биде активно присутен, вклучен и пред сe’, буден, во општествената сфера. Значаен дел од неговото портфолио е реализиран преку социјалните мрежи.

Ана Јовановска (р. 1991 во Куманово) Дипломирала и магистрирала на графика на ФЛУ во Скопје (2016). Истражува теми кои имаат социјален елемент, применува елементи од тактилна реалност, како што се колажи и пронајдени предмети врз прашања и ситуации како нематеријални, притоа ставајќи ги во нов контекст.

Амир Карахасан (р. 1984 во Скопје) Дипломира на ФЛУ Скопје во 2014. Од 2013 работи како дел од организацискиот тим на мултимедијалниот фестивал Под земја полесно се дише. Во периодот 2014 – 2016 работи како дел од независниот културен центар Кула во Скопје. Од 2013 година е дел од уметничкото дуо Нама Кардел заедно со Наташа Неделкова. Границите на физичкото низ новите медиуми се привремени аспекти на неговото истражување на киборг културата.

Ивана Мирчевска (р. 1992 во Скопје) Дипломира на ФЛУ Скопје – отсек сликарство во 2015 година. Во моментов Ивана е студент на пост-дипломски студии при Академијата за ликовни уметности Брера во Милано. Нејзиното тековно истражување се фокусира на идејата за застапеност на сликата како документ, истовремено испитувајќи го методот на конфлуентен наратив како начин на размислување за моменталната состојба на работите. Од 2014 година таа зема дел од колективната Кула, чија активна цел е критички ангажирање на локалниот културно-политички контекст.

Наташа Неделкова (р. 1993 во Скопје) Таа ги истражува практиките на говор во секојдневниот живот. Меѓу главните интереси го позиционира односот помеѓу кинематографијата и современата уметност. Во периодот од 2014 до 2016 беше активен учесник во независниот културен центар Кула. Од 2013 таа е еден од организаторите на мултимедијаниот фестивал Под земја полесно се дише. Во моментов е пост-дипломски студент на факултетот ЕНС во Лион во Франција.

Марко Гутиќ Мижимаков (р. 1992 во Загреб) Визуален уметник кој живее во Загреб каде што е дел од независната уметничка сцена. Од декември 2014 година е близок соработник на Најдобрата (http://naaajbolja.com).

Марија Конеска (р. 1984 во Прилеп) Во 2008 година дипломирала на ФЛУ Скопје,  на одделот за графика. Конеска е препознатлива по фигуративниот визуелен јазик. Таа создава дела инспирирани од разновидноста на живеењето и размислувањето на луѓето од нејзната средина. Работи со различни материјали и различни техники.

 Бисера Крцковска (р. 1992 во Скопје) Архитект и визуелен уметник. По завршувањето на магистерските студии на Архитектонскиот Факултет во Скопје во 2016, работи во архитектонското студио БМА, паралелно занимавајќи се со визуелна уметност. Вешто балансирајќи ја својата работа меѓу архитектонската графичка естетика и интуитивната експресија, таа активно создава дела во мал формат последните пет години. Хармонично составените повторувачки форми, слоеви и отсечоци, формираат кревки колажи кои најчесто ги преставуваат нејзините лични мемории за луѓе и места или апстрактни слики на замислени просторни сценографии.

Ана Лазервска (р. 1987 во Скопје) Додипломските студии на графика ги завршува на ФЛУ Скопје во 2010 година. Уметноста на Лазаревска го испитува човекот, неговото физичко постоење, сетилата како сензори за креирање на внатрешни процеси, човечката психа, човековата идентификација со она што го опкружува, развојот на идентитетот и егото како и еволуцијата на свесноста во индивидуалното и колективното постоење.

Јана Луловска (р. 1986 во Скопје) Завршила Уметничка и Приложна Фотографија на Националната академија за театарска и филмска Уметност “Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија. Има реализирано три самостојни изложби во Македонија и Бугарија, а учествувала на повеќе групни изложби во Македонија, Бугарија и Белгија. Покрај фотографија и сликарство, Луловска е активна и во сферата нa анимација.

Симона Манчева (р. 1989 во Кавадарци) Дипломирала на ФЛУ Скопје во 2011 и магистерски студии во 2013 на оддел сликарство. Нејзините уметнички интереси вклучуваат слики, серии слики, цртежи, објекти, уметнички книги, колажи и фотографии на различни теми (женски актови, дрва, книги, фигури, објекти) и обид да се претстави една идеја во повеќе различни стилови, техники, а со тоа и од повеќе различни аспекти. Симона Манчева се интересира за поставување на уметноста во социолошки и социјален контекст, како и за уметност во јавен простор.

Доротеј Нешовски  (р. 1989 во Скопје) Дипломира на ФЛУ Скопје, катедра по вајарство. Како еден од основачите на уметничката група „ЅЕЕ“ во 2012 година, тoj е активен член и учесник  во сите проекти.

Анастасија Пандиловска (р. 1991 во Скопје). Дипломирала на Gerrit Rietveld Academie во Амстердам во 2015. Има учествувано на повеќе изложби меѓy кои: “ A Decorated Room with Invaded Ideas” Фаза I  и Фаза II (2017, Софија и Скопје)  “Совршениот Уметник” ( 2017, Македонија), “Time, Space and Architecture” (2017, Холандија), “Space Invaders IV” ( 2016, Финска), “Girls own the Void” (2016, Холандија), “ Mémoires d’images récurrentes” за време на the Art on Paper (2016, Белгија) “Biocentric readings” (2016, Холандија)

Владан Петрушевиќ (р. 1993 во Куманово) Дипломирал на ФЛУ Скопје во 2016, сликарски смер со сценографија во класа на Слободанка Стевческа. Учествувал на проектот Video Art and Time Based Art организиран од ФЛУ. Учествувал на изложбата Young Artist организирана од Агенцијата за млади и спорт, во Националната галерија на Македонија – Мала станица, Скопје, во 2016.

Илија Прокопиев (р. 1985 во Скопје) Визуелен уметник и културолог. Неговата работа во областа на уметноста ги истражува темите за меморијата, историјата и уметноста во општества без културна институционална инфраструктура. Во 2011 е добитник на наградата ДЕНЕС – награда за најдобар млад уметник, за делото „Студија за многу големи цртежи“, а во 2012 година е на резидентален престој во ISCP studio во Њујорк. Во 2016 го ко-основа Private Print, издавачка куќа за уметнички книги и сродни публикации.

Никола Радуловиќ (р. 1987 во Куманово) Дипломира на сликарство на ФЛУ Скопје. Негува интерес за дигиталните медиуми и интернетот како простор на изложување, класична анимацијa и изработка на илустрирани книги во различни изданија.

Горан Ристовски  (р. 1987 во Струга) Визуелен уметник, графички дизајнер и ликовен педагог. Дипломирал на ФЛУ Скопје, на отсекот за графика, насока графички дизајн. Работел на проекти кои се залагаат со активности за имплементирање на уметноста во повеќето сфери од социјалниот живот на младите.

Николче Славевски (р. 1989 во Битола) Дипломирал на ФЛУ Скопје на катедрата за сликарство во 2014 година во класата на Жанета Вангели. Неговата прва самостојна изложба со наслов „Обои црвено“ беше поставена во Центар за култура – Битола во 2017 година.

Игор Таневски (р. 1995 во Скопје) Редовен студент на ФЛУ Скопје. “Во самиот почеток на мојот самостоен творечки процес, истражувам во полето на сликарството, фотографијата, инсталацијата, видеото и видео фрејмот. Во досегашните проекти ме интересирале прашања врзани со релациите кои човекот ги воспоставува со околината, општеството, земјата и свесноста за последиците од истите. Уметноста како животна релација со сѐ и секого.“

Немања Трајковиќ (р. 1989 во Скопје) Дипломирал на ЕУРМ Факултетот за арт и дизајн, Скопје. Ликовен уметник и дизајнер кого природниот интерес го насочил кон применета графика и илустрација. Работи на стрип, концепт-дизајн на карактери и пишува фабула за неколку видео и table-top игри. Работи како графички дизајнер во развoj на дигитален интерфејсинг и медиуми. Специјализира дизајн на визуелен идентитет и визуелни комуникации.

Елена Чемерска (р. 1991 во Скопје) Додипломски студии завршува на ФЛУ Скопје, на отсек сликарство, во класата на проф. Антони Мазневски. За време на додипломските студии, добитник е на East Exit Scholarship стипендијата на фондацијата Paul Getty. Од 2017, студент е на пост-дипломски студии во академијата за уметност и дизајн  AKV St. Joost во Сертогенбош, Холандија, каде што моментално живее и работи. Во својата уметничка пракса се интересира и ги истражува релациите и динамиката кои се одвиваат помеѓу сликата во својата физичка смисла и значењето кое го еманира, како и сложените релации и динамиката помеѓу нештото во физичка и во концептуална смисла, и перцепцијата за истото.

Зоран Шекеров (р. 1992 во Скопје) Апсолвент е на катедрата по фотографија при Универзитетот за Аудио и визуелни уметности Есра Скопје. Досега има две самостојни изложби “Глорија и Глорија” (2017, Скопје) во Национална Галерија Мала Станица и “Титоизам: Помеѓу Носталгија и Желба” (2018, Чикаго) во АРК Галерија. Учевствувал на неколку групни изложби во и надвор од Македонија меѓу кои: “Урбенити” (2012-2013 Германија, Србија и Македонија), “Трамвај” (2014, Хрватска), “Фотографи(и) Чкрап (2015, Македонија), “Европа тука – Европа таму 1914 – 2014” (Франција) и “Совршениот уметник” (2017, Македонија).

 

 

 

© MoCA / МСУ