Ивана Васева (1984, Скопје) e кураторка во областа на современата визуелна уметност, истражувачка и авторка на повеќе проекти кои најчесто се соработнички и ангажирачки т.е. конфронтира места на желби, контестира востпоставени релации и ги запрашува утврдените начини на продукција и перцепција.

Таа досега на повеќе наврати работела на темите на важноста од архивирањето и музејските колекции, во рамките на самостојниот истражувачки и изложбен проект „Музејот на современата уметност има магарешки уши“ во МСУ во Скопје и колаборативните и истражувачки проекти „Уметноста и диктатурата“ (во НГМ, МСУ; МКЦ и КИЦ во Скопје), СКОПЈЕ: ВРВНА КОЛЕКЦИЈА НА ЛИЧНИ СЕЌАВАЊА 1960 – 2010 вол. 1 (во Музеј на град Скопје, НГМ, МСУ; МКЦ и КИЦ во Скопје) и „Живи библиотеки: архиви на граѓанската непослушност“ (на повеќе простори и градови низ Македонија). Повеќе на: https://zivibiblioteki.wordpress.com/

Таа моментално работи на второто издание на интернационалната дискурзивно – едукативна програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК во рамки на ДЕНЕС наградата за млад визуелен уметник како и самата награда во земјава и два истражувачки и контекстуални проекти кои се занимаваат со наследството на самоуправувачкиот систем од поранешна Југославија со идеја да креира приказна од едукативен и еманципаторски карактер а другиот ги запрашува каноните во визуелната уметност и нивното постоење како такви.

Таа живее и работи во Скопје каде заедно со уметникот Филип Јовановски, ја раководат организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат. Во рамките на организацијата таа ги курирала и продуцирала: АКТО Фестивалот за современи уметности (последните 5 изданија), регионалниот истражувачки проект „Кога зградите би зборувале“, платформата „Култура за граѓански промени“ и др.  Повеќе на: http://akto-fru.com/en/

Досега била кураторка на повеќе изложби како: You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you, ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА и др., и е коавтор на предавањето/ перформанс и истражувачки проект за самостојните културни работници во Македонија „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената “ и играта/ презентација „Како да направиш фестивал за 100 и за 1 милион евра“(заедно со Биљана Тануровска – Ќулавковски) која беше претставена во повеќе европски градови.

Таа била уредник на повеќе книги и автор на неколку текстови за современата визулена уметност а за истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“, направена со Филип Јовановски, е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија.

Васева ги претставила своите истражувања и проекти на многу институции, конференции и платформи во Европа и САД.

Таа завршила студии на Факултетот за историја на уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје а има специјализирано во областа на кураторството на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.

 

Бојана Јанева-Шемова (Скопје, 1977 г.) е историчар на уметноста и куратор. Таа дипломирала 2000 г. на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје – Институт за Историја на уметноста со археологија. Магистрирала на Мастрихт Универзитетот „Уметност и културно наследство, стратегија, менаџмент и образование во културата“, Холандија (2010 г.). Има работно искуство како куратор во Националната галерија на Македонија, каде во 2009 г. го курирала Македонското учество на Венециското биенале. Од 2012 г. е една од основачите на Арс акта – Институт за уметност и култура, Скопје, ко-курирајќи ги со Ана Франговска изложбите „Визуелни индустрии“ (2013 г.), „Прокрастринација“ (2014 г.) и други. Како независен куратор, соработник или организатор, таа учествувала на бројни самостојни и групни изложби во Македонија и странство. Во 2012 г. е назначена за член на Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија.  Нејзините интереси се во однос на индивидуалниот идентитет и социалните релации како градивни компоненти во општеството.

 

Владимир Јанчевски (1984, Скопје) е независен истражувач кој живее во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката пракса и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социо-политички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.

Дипломирал Историја на уметност (Современа уметност) на Институтот за историја на уметност и археологија / Одделот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде запишал магистерски студии, и работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност на истиот институт (четири семестри, 2009-2011).
Од 2005 година активно соработува со повеќе локални, национални и меѓународни културни институции, организации, независни уметници и истражувачи/научници од областа на визуелните уметности и теоријата на повеќе проекти (уметнички изложби, театарски претстави, работилници, предавања, презентации и др.). Организирал повеќе самостојни и групни изложби, како и јавни предавања во Скопје со интернационални предавачи: Виталиј Комар (април 2012, МСУ-Скопје), Џејмс Елкинс (декември 2014 година, МСУ-Скопје). Учествувал на повеќе панел дискусии и одржал предавања во Скопје(ФЛУ, 2016; СЦ Дуња, 2017; МСУ, 2017), Битола (АКТО 2013 и 2014), Струга (ДримОн, 2015), Фрајзинг (2014)итн.

Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Ријека, Будимпешта (2013), Клуж (2015), Кил, Скопје (2016), Вилнус (2017) итн.
Како дел од јадрото на уметничката иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), ко-организирал, ко-курирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми.

Автор е на повеќе текстови за современа уметност и визуелни уметности, теорија на сликата, како и текстови за современи визуелни уметници од Македонија и од регионот објавени на македонски и англиски (вклучувајќи ги Игор Тошевски, Групата ОПА, Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Аљбан Муја, Владимир Лукаш).

© MoCA / МСУ