Музеј на современата уметност, 28. февруари – 28. март 2018

ЌЕ БИДЕ ЛИ ДОЦНА, АКО ВРЕМЕТО ЗАПРЕ? е насловот на 12-тото издание на Биеналето на млади уметници во Музејот на современата уметност во Скопје, годинава курирано од тројца куратори-соработници: Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова и Владимир Јанчевски, дефинирано преку три сегменти кои опфаќаат изложба и презентации на млади уметници од земјава, како и интернационална дискурзивна програма.

Генералниот концепт околу кој се гради овогодинешното Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти (образовни, изложбени, продукциски, претставувачки и сл.) Во таа насока, концептот предлага едно прашање: дали е предоцна да се преиспита, продолжи или прекине една веќе долго време воспоставена тенденција во рамките на уметноста или е време да се размисли за нови стратегии и перспективи?

Наместо фокусот да биде насочен кон развојот на визуелната уметност во споредба со тековите на интернационалната сцена, тој се насочува кон условите за развојот на мислата, креирањето и пренесување на знаењето и општествената улога на уметноста во локалниот контекст. Оттука, во основата на концептот, кој ќе биде разработен и елабориран во рамки на дискурзивната програма со учесници од регионот, потоа презентациите на уметниците, дискусиите и кураторските осврти предвидени во каталогот, се поставени прашањата: Како се продуцира знаење во услови на пролонгирана инертност и блокираност на институционалната мрежа и недоволно развиена вонинституционална сцена? Како да се надмине оваа ситуација, со незадоволителни технички и кадровски капацитети за институционално одржување на меморија, но и градење на историска свест? Кои се основните пречки за развивање услови за критичко согледување на минатото и стратешко проектирање на иднината? Како би се поттикнало создавање младински политики кои би ги активирале младите да ја трансформираат генералната апатија и да се создадат интегративни платформи и солидна културна стратегија?

Биеналето на младите уметници се надоврзува на петгодишната манифестација „Современи македонски уметници – Млада генерација“ започната во 1967 година како одговор на потребите на развиената сцена преку воведувањето на селективност во претставувањето и следење на определени вредносни критериуми. Во текот на своето постоење до 1987 година, тоа детектирало различни теми и насоки на дејствување: од обид да даде преглед за основните показатели на развојот на уметноста, до тематски претставувања, водејќи се од една генерална идеја за (само)критичко одмерување, осмислена и издржана ликовна вокација, до презентација поставена на еден повисок степен на вредување и квалитативна одредница. Прераснувајќи во Биенална манифестација, првите четири изданија (1987-1993) им овозможувале на авторите осмислување на сопствената работа во контекстот на југословенските и светските движења, а и следење на развојот по дисциплини. Од 2001 година, т.е. 5-тото Биенале, во сооднос со општествено-политичките случувања во земјава, одлучено е да се понуди општа слика или панорамски поглед за релевантните текови на младата ликовна сцена, понекогаш дополнета со уметници од странство и со студенти од ФЛУ од 2005 година, а подоцна и тематски одредници и прашања кои кураторите и организаторите ги сметале за релевантни да се отворат.

Во тој поглед, концептот на овогодинешното 12-то Биенале на млади уметници излегува од рамката на строго дефинираната изложбена практика, во обид не само да презентира селекција на автори и нивните индивидуални погледи и актуелни интереси преку визуелната продукција, туку да ги лоцира проблемите со кои тие се соочуваат, во услови на недоволно јасна или непостоечка контекстуална рамка. На изложбата ќе бидат презентирани дела на дваесеттина уметници создадени во последните неколку години, односно дела настанати во периодот од последното издание на Биеналето на млади до денес, погледнати во контекст на презентациите на уметниците и интернационалната дискурзивна програма како основа за дефинирање на едно експериментално компаративно поле.

Една од целите е да покаже дека на маргините на институциите постои раздвиженост кога станува збор за сцената која ја креираат младите и во поглед на продукцијата и во однос на формите на самоорганизираност. Во услови на неинтегрирана и дефрагментирана уметничка сцена, се истакнува потребата да се разгледаат тенденциите, односно да се преиспита како е насочена, поттикната и мотивирана енергијата на младите – дали кон нивно интегративно позиционирање како општествено освестени и социјално проникливи индивидуи способни за остварување и проширување на колаборативниот простор или, пак, изолирано и индивидуално креирање на лични стратегии, со некритичко отворање кон претпоставената современост или пазарна успешност на некои од Западните прерогативи во непрегледната мрежа на остварување без критериуми? Ваквата состојба произлезена од интерлацијата со уметничкиот номадизам, кој во денешно време освен „барањето на инспирација“, подеднакво е условено и од економски причини, го наметнува и прашањето, Која е перспективата за младите уметници и културни работници, разгледувајќи ги прекарните услови на работа, изолацијата од конекции и галериски мрежи, несразмерната распределба и концентрација на знаењето, изворите, фондовите и многу други фактори кои ги формираат „позициите на моќ”?

И на крајот, можеби најважно, дали ќе можеме конечно да се увериме дека навистина никогаш не е предоцна за реструктуирање и дефрагментирање, и дека во догледна иднина активните чинители на уметничката сцена, и во рамки на својата работа, и во обидите за остварување на меѓусебна соработка, но и во релациите со институционалната мрежа која е неопходен услов за развој и квалитетна размена, ќе можат да се почувствуваат како дома и на време.

© MoCA / МСУ